Вуна 2
the expansion of Blog




[понеделник, октомври 23, 2006]

Фасадна борба со идеи

Наместо вовед: Британскиот Home Secretary Џон Рид е поранешен комунист за што се кае; „другарче“ на Караџиќ ама и тоа не му е баш ќеф; а годинава му најдоа ганџа во домот.

Џон Рид е човек за сите функции: Државен Секретар на Шкотска, прв католик на истата функција во Северна Ирска, министер без ресор, па во здравството, одбраната, министер во Г8 и така натаму.

Рид деновиве беше актуелен со неговите идеи за пловечки затвори, бидејќи „копнените“ биле преполни со затвореници. Затоа, распиша тендер за бродови-затвори.

Но, рекциите на таа тема уште не стивнале, кога Рид повторно е во центар на вниманието на тема тероризам:

The Government needed to do much more to win the "battle of ideas". [Sunday Telegraph]


Или како што МакФакс ја пренесува веста, Рид повика на засилување на пропагандата.

Имено, британските власти лансираат програми за младите муслимани; како би ги одвлекле од Ал Каеда и би ги насочиле кон градење конструктивна иднина.

Сепак, мене самиот концепт на „нудење алтернатива“ ми е грд. Владата им пристапува на муслиманите од позиција на спасител; укажувајќи им што е добро, а што лошо; што е залудно, имајќи в предвид колку доверба ќе има младиот муслиман кога од околината е гледан како виновник за било каков фундаменталистички акт.

Оваа изјава дури може да се протолкува и ко „автогол“ (како што би рекол Жарко, а јас алудирам на Гебелс). Никако не го оправдувам исламскиот фундаментализам, но кога во моментов насекаде е присутно сатанизирање на муслиманите, втемелување на предрасудите, и засилување и на вистинската борба по улиците на Ирак и Афганистан, каде што во име на безбедноста на британските граѓани ќе гинат британските синови; и особено по бомбите лани, борбата со тероризмот не е само борба на војниците на мисиите на Блискиот исток; сега, тоа е и нивен домашен проблем.

Во моментов, Британија нема шанси да победи во борбата со идеи; муслиманите се значително ранливи и единствено што може да изроди „солењето памет што е добро а што не“ е аверзија и натамошен фундаментализам.

Решението, според мене, е практикување во реалност на таа „загриженост и солидарност“ (а не само памфлети). Треба што побрзо да премине кон процеси на интегрирање. Параноите и предрасудите треба да се остават на страна, само така ќе се победат. Не секој со чалма сака да рокне бомба, и не секој со брада киднапира деца. Наместо гетоизирање и изолација, еманципирање. Како што успеаа да скројат рамковен договор за Балканите, така треба да иновираат метод и за себе. Затоа што, колку е појака нетрпеливоста, толку понеизбежни се катастрофите; што не е во ничив интерес.

Џон Рид и ниму сличните, треба да се свестат, дека чалмосаните и брадосаните им се во домот; и дека таму ќе останат - со нив треба да се живее. Во моментов, во нивните очи тие се непријатели - треба да покажат, а не само да се декларираат дека тоа не се. Сите тие кампањи би биле во ред, кога навистина би биле искрени.